Slider

ИЗЈАВА НА ВЕРАТА

НИЕ ВЕРУВАМЕ
Дека „Целото Писмо е од Бог дадено“, при што ја подразбираме целата книга наречена БИБЛИЈА; дека е без грешки во оригиналниот текст и дека нејзиното учење и авторитет се апсолутни, сеопфатни и конечни. Дека Светиот Дух ги водел светите луѓе од минатото во сѐ што напишале. 2 Тим. 3:16; 5 Мојс. 4:2; 2 Пет. 1:21

Божеството постои вечно во три личности – Таткото, Синот и Светиот Дух. Трите личности се еден Бог, имајќи иста природа, атрибути и совршенство. Римјаните. 1:20; Мат. 28:19; 5 Мојс. 4:35; Јов. 17:5

Во Личноста и Божеството на Господ Исус Христос, зачнат од Светиот Дух, роден од девица Марија, навистина Бог и навистина човек. Јов. 1:1; Јов. 1:14; Јов. 10:30; Мат. 1:20; Лука 1:30-31; Фил. 2:5-7; 1 Тим. 3:16; Кол. 1:19

Во Личноста и Божеството на Светиот Дух, изворот и моќта на сето прифатливо славење и служење, непогрешниот Толкувач на непогрешното Слово, Кој се вселува во секој вистински верник, и Кој е постојано присутен да сведочи за Христос, сакајќи да нѐ исполни со Него, а не со нас и нашите искуства. Јов. 15:26; Дела 5:3-4; Дела 1:8; Рим. 8:26-27; 1 Кор. 2:12,14; Рим. 8:9; 1 Кор. 3:16; 1 Кор. 12:13; Јов. 16:13-14

Дека човекот беше создаден според Божјото подобие, сличен на Него, како што е нагласено во Словото Божјо, но целиот човечки род падна со паѓањето на првиот Адам. Не само што неговата морална природа беше повредена со паѓањето, туку тој наполно го изгуби сиот духовен живот, станувајќи мртов во престапи и грев, покорен под моќта на ѓаволот. „Бидејќи телесното мудрување е непријателство против Бог; на законот Божји тоа не му се покорува, ниту, пак, може. А оние, кои живеат според телото, не можат да му угодат на Бог“ (Рим. 8:7-8). Затоа, тој не може да го види, ниту да влезе во царството Божјо сѐ додека не се роди повторно преку Светиот Дух. Дека никакво ниво на преобразба, колку и да е големо, никаква морална чистота, колку и да е висока, никаква култура, колку и да е привлечна, никакви хуманитарни и филантропски шеми и општества, колку и да се полезни, ниту, пак, крштавање, или, пак, други таинства, како и да се извршени, не можат да му помогнат на грешникот да направи ниеден чекор кон небото; само новата природа, дадена озгора, само нов живот засаден од Светиот Дух преку Словотое апсолутно неопходен за спасение. 1 Мојс. 1:26:27; Рим. 5:12; Еф. 2:1-3; Јов. 3: 3,6,7; Тит 3:5

Дека Исус Христос стана замена за грешникот пред Бог и умре како жртва помирница за гревовите на целиот свет.

Дека беше направен клетва за грешникот, умирајќи за неговите гревови според Писмото, така што никакво покајание, чувства, вера, добри решенија, искрени напори, потчинување на правилата и законите на која било црква не можат ниту малку да додадат на вредноста на скапоцената крв, или, пак, да земат врз себе и најмалку од вредноста на таа завршена работа што ни е дадена нам преку Него, кој вкуси смрт за секој човек. Рим.5:8; 1 Јов.2:2; Евр.2:9; Гал.3:13; Рим.4:4-5; Рим.3:25; Кол.1:13, 14, 20, 21

Во воскресението на распнатото тело на Исус Христос; дека Неговото тело беше подигнато од мртвите, според Писмото. Дека се вознесе на Небото и седна од десната страна на Бог, како првосвештеник и застапник на верникот. Лука 24:39; Дела 1:10-11; Еф.4:10; Евр.1:3; 1 Јов.2:1

Дека Христос, во полнотата на благословот што го обезбеди Тој со својата смрт и воскресение, се прима само со вера, и дека во моментот кога ќе поверуваме во Него како во наш Спасител поминуваме од смрт во вечен живот, оправдани од сѐ, прифатени пред Отецот според мерата на Неговото прифаќање, возљубени како што е возљубен Тој и направени едно со Него. Во моментот на прифаќање на Христос како Спасител, Тој се вселува во верникот и преку него го живее Својот живот на светост и моќ. Евр.9:15; Јов.5:24; Рим.3:28; Рим.4:3; 23-25; Еф.1:3; Јов.17:23; Гал. 2:20; Гал.4:6-7; Гал.5:16; Дела 1:8

Дека Црквата е составена од сите луѓе кои навистина веруваат во Господ Исус Христос како Спасител. Тоа е телото и невестата Христова. Дека секој верник, било Евреин или безбожник, е крстен во телото Христово со Светиот Дух. Станувајќи така членови еден на друг, одговорни сме да го зачуваме единството во Духот како залог на мирот, издигајќи се над секташките предрасуди и деноминационалните тесноградости, горливо со чисто срце имајќи љубов еден кон друг. Еф.2:19-22; Еф.1:22-23; Еф.5:25-27; 31-32; 1 Кор.12:13; Рим.12:4-5; Еф.4:1-3; 1 Кор.1:10

Дека сите верници во нашиот Господ Исус Христос се повикани во живот на одвојување од световните и грешни обичаи; дека треба да се воздржуваат од практики и навики што ќе бидат за сопнување на други, или, пак, ќе доведат до срамотење на крстот Христов. Верниците се создадени во Исус Христос за вршење добри дела. „И така, додека имаме време, да им правиме добро на сите, а најмногу на своите по вера“ (Гал.6:10). 1 Јов.2:15-16; Рим.14.13; Рим.13:14; 1 Кор.10:31; Еф.2:10

Во евангелизирањето на светот: дека основната мисија на Божјите луѓе во овој свет е да го проповедаат Словото на секое создание. Дека особено внимание треба да се посвети на евангелизирањето деца. Мк.16:15; 2 Кор.5:18-19; Мат.18:14

Во личното враќање на нашиот Господ и Спасител Исус Христос: дека повторното доаѓање на Исус Христос е „блажената надеж“ ставена пред нас, за која треба да сме во постојано очекување. Нашето живеење е на Небото, од каде што чекаме на Спасителот, Господ Исус Христос (Фил.3:20). Дела 1:11; 1 Сол.4:16-17; Јов.14:1-3; Тит 2:13; Фил.3:20-21

Дека душите на оние кои поверувале во Господ Исус Христос за спасение во моментот на смртта одат во Негово присуство и таму остануваат во свесна радост додека не се случи воскресението на телата, при Неговото доаѓање, кога душата и телото, повторно обединети, ќе бидат засекогаш со Него во слава. Лука 23:43; Кор.5:8. Лука 16:22, 25; Фил.1:23; 1 Сол. 4:15-18

Дека душите на изгубените, по смртта остануваат во беда до последниот суд пред големиот бел трон, кога душата и телото обединети при воскресението ќе бидат фрлени во „Огненото езеро“, што е „втората смрт“, за да бидат „со вечна погибел казнети од лицето на Господа и од славата на Неговата моќ“ (2 Сол.1:8-9). Лука 16:22-23, 27-28; Евр.9:27; Откр.20:5,11-15; 2 Сол.1:7-9

Во реалноста и личноста на Сатаната, „старата змија, наречена Ѓавол, и Сатана, која го измами целиот свет“. (Откр.12:9). Еф.6:11-12; 1 Пет.5:8; Откр.20:10

o

поврзани

ТЕМИ

ЦЕЛ

Нашата цел е да достигнеме до секое дете, во секој народ, секој ден.

,,Погрижи се пред Бога да се покажеш како достоен и беспрекорно работлив, кој верно го проповеда словото на вистината.” 2Тимотеј 2-15

ВОДСТВО И РАБОТНИЦИ

Мисијата за евангелизација на деца ® е најголемата мисија на светот чие служење е ексклузивно усмерено кон децата. Секоја година МЕД достигнува над 9 милиони деца по целиот свет, во повеќе од 160 земји. Со нашите специјализирани служења, поуки и материјали за подготовка, ние се обидуваме да ја исполниме „Големата Заповед“. Мисијата за евaнгелизација на деца ја пренесува вистината на Божјото Слово низ целиот свет. Во Република Македонија МЕД е воспоставена во 1990 година. 

Булевар АСНОМ 60-1-5 Скопје 1000

Република Македонија

02 24 32 600

МЕД Македонија © 2011-2018
Сите права задржани

Close Menu